Организациска шема

   

Дирекцијата за деловни операции постапува по барања поврзани со издавањето, сопственоста, располагањето и пренесувањето на хартии од вредност, при што се врши и проверка на валидноста на барањата и основот за постапување на Депозитарот. Во рамките на Дирекцијата за деловни операции се вршат следните активности:

  • прием на нови хартии од вредност, спроведување на корпоративни дејства за издавачите на хартии од вредност согласно Законот за трговските друштва, и развој и администрирање на нови производи на Депозитарот во делот на дополнителните услуги за издавачите на хартии од вредност
  • реализацијата на нетрговски преноси со хартии од вредност согласно Законот за хартии од вредност и други закони кои регулараат проблематика на преноси на хартии од вредност што не се резултат на трговски пренос и работи во однос на евиденција на промени кај сметките на хартии од вредност на имателите на хартии од вредност, како и евиденција на ограничувања на сметките на хартии од вредност.

Дирекцијата за информатичка технологија обезбедува информатичката поддршка за работата на Депозитарот, врши планирање, анализа, развој и имплементација на информациски, комуникациски и програмски решенија во системот на ЦДХВ, ги сервисира сите технички потреби на корисниците и учесниците во работата на Депозитарот, ги организира и одржува комуникациските врски на Депозитарот со други корисници и учесници во неговата работа. Во рамките на Дирекцијата се води базата на податоци и се обезбедува нејзината сигурност, како на примарната локација, така и на секундарната локација, се врши заштита на податоците во работата на Депозитарот и се обезбедува поддршка за операциите за утврдување и порамнување на трансакциите од тргувањето со хартии од вредност. Исто така, Дирекцијата за информатичка технологија врши планирање, анализа, развој и имплементација на програмски решенија во апликативниот софтвер на системот на ЦДХВ и се грижи за следење на меѓународните стандарди, искуства и практики и транспонирање на нови решенија во работата на Депозитарот.

Дирекцијата за правни и општи работи ги координира правните работи на Депозитарот и е одговорна за усогласување на работењето на Депозитарот со законските прописи. Дирекцијата изготвува правни акти на Депозитарот, дава општа правна поддршка на другите организациони делови на Депозитарот, а ги извршува и координира и работите поврзани со членството и членките на Депозитарот.

Дирекцијата за финансиско работење ги извршува сите финансиско-сметководствени работи во врска со средствата и изворите на средства на Депозитарот, остварувањето на приходите и расходите на Депозитарот и други финансиски работи. Дирекцијата врши и работи и активности поврзани со Гарантниот фонд на Депозитарот.