Регистрација на акционерско друштво

Согласно со Законот за хартии од вредност, сите издавачи треба да ги регистрираат издадените хартии од вредност во регистарот на хартии од вредност што го води ЦДХВ. Емисиите на хартии од вредност во Депозитарот се евидентираат само ако е спроведена со закон утврдената постапка за нивно издавање.

Регистрирањето на основачката емисија на акциите на акционерско друштво во ЦДХВ може да се изврши на два начина:

1. Внесување на акционерската книга на акционерското друштво во базата на податоци на ЦДХВ по електронски пат, преку за тоа посебно предвидена компјутерска програма што ја издава ЦДХВ, со која издавачот ги евидентира сите акционери во електронска форма или

2. Внесување на податоците од акционерската книга од страна на ЦДХВ во базата на податоци користејќи го софтверот на ЦДХВ врз основа на доставени податоци од издавачот на акциите во писмена форма.

Во двете ситуации издавачот на акции доставува до ЦДХВ и друга потребна придружна документација.

Уписот на основачката емисија на акциите по електронски пат, во ЦДХВ се спроведува ако со емисијата со хартиите од вредност се стекнуваат повеќе од 20 сопственици. На издавачот му се доставува компјутерска програма и упатство за нејзино користење во електронска форма, во која самиот издавач ги внесува податоците за емисијата, идентификациските податоци за сопствениците и податоци за сопственоста.

Ако друштвото е основано од 20 или помалку основачи податоците за издадените хартии од вредност и за основачите се доставуваат во писмена форма соодветно заверени од издавачот.

 

Потребна документација за упис на основачки емисии на акции

За спроведување на уписот на основачка емисија, издавачот акционерско друштво до ЦДХВ ги доставува најмалку следниве документи:

1. Барање за упис на издадени хартии од вредност;

2. Податоци за издадените акции, акционери, права од акции и сл.:

  • ЦД со пополнети податоци во електронска форма ако друштвото  е основано од повеќе од 20 основачи или
  • список на основачите и податоци за издадените акции во писмена форма ако друштвото е основано од 20 или помалку од 20 основачи како и податоци за издадените хартии од вредност (број на издадени хартии од вредност, вид, род или класа, нивна номинална вредност, податоци за евентуални ограничувања на располагањето востановени со актот на издавање)

3. Решение за упис и тековна состојба на друштвото издадена од Централниот регистар – Трговски регистар и регистар на други правни лица;

4. Ако при издавањето на хартиите од вредност согласно со специјални закони се предвидува одобрение за стекнување на тие хартии од вредност, до ЦДХВ се доставува и таквото одобрение и

5. Уплата на соодветен надомест врз основа на тарифата на ЦДХВ АД Скопје.

Повеќе информации за потребната документација и за постапката за регистрација на акционерско друштво во системот на ЦДХВ издавачите можат да добијат во Дирекцијата за деловни операции на ЦДХВ.