Објави (вести)

22.09.2017



Соопштение за јавност

Централниот депозитар за хартии од вредност АД Скопје е една од клучните институции на пазарот на капитал во Република Македонија на која една од основните функции е да ја гарантира сопственоста над хартиите од вредност и правата кои произлегуваат од сопственоста на хартиите од вредност.

Депозитарот 16 години континуирано придонесува за стабилноста и развојот на пазар на капитал, применувајќи во своето работење високи стандарди со цел да придонесе кон одржување на интегритетот на пазарот, а воедно и да ги заштити интересите на сите сопственици на хартии од вредност.

Депозитарот, неговите органи на управување и вработените во рамките на севкупното свое работење строго се придржуваат до начелото на законитост и еднаквост на сите корисници на неговите услуги.

Во таа насока, со оваа Соопштение ја известуваме јавноста, во врска со скорешните изнесени информации поврзани со преземање на акционерските друштва дека во сите постапки на преземање  Депозитарот постапува во границите на неговите овластувања пропишани со Законот за преземање на акционерските друштва.

Ја користиме приликата да ја честитаме јубилејната 70-та годишнина од работењето на компанијата нагласувајќи ја постојано коректната и успешна соработка на Депозитарот со Макпетрол АД Скопје.

Централен депозитар за хартии
од вредност АД Скопје


05.04.2017



Меѓународна соработка - На 29-ти и 30-ти март 2017 година во Будимпешта, Унгарија,  се одржа 12- тиот годишен Светски Берзански Конгрес.  Повеќе од една деценија, Светскиот Берзански Конгрес ја соединува глобалната берзанска заедница за дискусии во однос на стратегиите, можностите и предизвиците со кои се соочува  финансиската индустрија. Оваа година, на Светскиот Берзански Конгрес беа присутни повеќе од 200 лидери од индустријата на хартии од вредност од повеќе од 60 држави.

Извршниот директор на Централниот Депозитар за хартии од вредност АД Скопје, Г-ѓа Елена Јакимовска Петровска, имаше чест да биде модератор на тркалезната маса со наслов „Улогата на пост-трговските инфраструктури во 2017“, и панелист во дискусијата „Што треба пост-трговските инфраструктури да сторат за да помогнат во развој на пазарите“.

Конгресот се фокусираше на најкритичните идни трендови кои ги засегаат пазарите за хартии од вредност, и поради тоа, беше голема можност за ЦДХВ АД Скопје да биде дел од дискусиите, од кои се очекува да го променат изгледот на пазарите на хартии од вредност во идниот период, а неговите чинители и инфраструктурните институции да се подготват за идните предизвици.


04.01.2017



Доставување акционерски книги - 

Ги известуваме издавачите на хартии од вредност евидентирани во базата на податоци на Депозитарот дека во текот на месец јануари 2017 година Депозитарот ќе врши бесплатно доставување на акционерски книги со состојба на ден 31.12.2016 година до издавачите, согласно точка 6.2 од Правилата за работа на Централен депозитар за хартии од вредност АД Скопје.

Акционерски книги ќе бидат доставени до издавачите кои имаат активен статус согласно Правилата за работа на ЦДХВ и кои ги намириле обврските по основ на годишен надомест за водење на издадените хартии од вредност за претходната година.

Во насока на обезбедување на заштита на личните податоци на акционерите, акционерските книги ќе се доставуваат како заштитени (криптирани) документи. Дополнително ќе бидат доставени инструкции за декриптирање на документот.

Доставувањето на акционерските книги и инструкциите за декриптирање ќе се врши на адресата која издавачот на хартиите од вредност ја има пријавено во Депозитарот. Доколку кај некои од издавачите на хартии од вредност се настанати промени во адресата на друштвото кои не се пријавени во Депозитарот, ве молиме во најкраток можен рок до Депозитарот да доставите нови ажурирани адресни податоци.

Депозитарот ги повикува издавачите на акции кои ги немаат намирено своите обврски по основ на годишен надомест за водење на издадените хартии од вредност за претходната 2016 година да ги намират истите во најкраток можен рок, со што и за овие издавачи на акции ќе биде извршена дистрибуција на бесплатните акционерски книги со состојба на ден 31.12.2016 година.